Трамп сака подобри односи меѓу САД и Русија
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп сака подобри односи меѓу Соединетите Американски Држави и Русија.

За сѐ може да се преговара, е ставот на новиот американски претседател Доналд Трамп за надворешната политика. Трамп сака да ги подобри односите со Русија, но и да го врати имиџот на Соединетите Американски Држави како силна светска супер сила. Неколку пати, Трамп истакна дека ќе соработува со Русија за уништување на терористички организации. Новиот американски претседател смета дека Русија не е единствената држава која е одговорна за хакирање врз американски цели.
„Мислам дека Русија ја хакираше демократската партија, но исто така има хакирање и од други држави. Неодамна изгубивме 22 милиони имиња и податоци. Најверојатно за ова беше одговорна Кина. Постои многу хакирање. Ние ги имаме едни од најдобрите компјутерски умови во светот. Се сретнав со шест од нив, и заедно ќе формираме одбрана од хакирање“, смета Трамп.
Додека Трамп е наклонет кон Русија и јавно истакнува дека го цени рускиот претседател Владимир Путин, неговите кандидати за нов државен секретар и секретар за одбрана, Рекс Тилерсон и Џејмс Медис, сметаат дека Русија е противник. Трамп охрабрува различни мислења од неговите членови на кабинетот, што укажува дека во однос на справувањето со странски држави, ќе го цени нивниот совет.
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека за 90 денови ќе биде подготвен извештај за руското хакирање.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
