ДИК за избирачкиот список
Вториот човек во највисокото изборно тело, Субхи Јакупи смета дека во општините со над 20 насто застапеност на другите етнички заедници, избирачкиот список треба да е двојазичен.

Тој е дел од изборниот материјал и треба доследно да се почитува Законот за употреба на јазиците, вели потпретседателот на ДИК. Реплицираше Анета Стефановска од ВМРО-ДПМНЕ - законите во државава се почитуваат, но Македонија не е бинационална држава.
,,Членот 41, став 3 исто така вели дека личните податоци на граѓаните во избирачкиот список се запишуваат на јазиците и писмата на кои се водат изборните евиденции и податоците во согласност со закон“,рече потпретседателот на ДИК Субхи Јакупи.
,,Јавно се спротивставувам дека на насловната страница треба да стојат два или повеќе јазици, освен македонскиот јазик и кирилското писмо,кој е службен јазик во Република Македонија“ реплицираше членот на ДИК Анета Стефановска.
Бедредин Ибраими вели дека надлежните институции мора да се изјаснат за да нема шаренило во избирачкиот список. ДИК ќе побара од МВР информација како се води изборната евиденција.
,,Ако евиденцијата во општините не се води на двата јазика,и ако вака побараме, ќе испадне големо шаренило во однос на запишувањето на избирачите во избирачкиот список, нема да биде соодветно и нема да ја одрази националната структура на гласачите“, појасни членот на ДИК Бедредин Ибраими.
На овие претседателски избори за првпат ќе гласа и дијаспората. Околу 68 илјади македонски државјани со престој над една година во странство се евидентирани во избирачкиот список. Оние од 3 до 12 месеци престој ќе треба да се пријават за да се внесат во посебениот извадок од избирачкиот список. За претседателските избори се планирани над 4 милиони евра.
Милчо Велески
