Зголемено ниво на безбедност за инаугурацијата на Трамп
Нивото на безбедност во главниот град на САД е подигнато на највисоко ниво неколку дена пред инаугурацијата на Доналд Трамп за претседател. Над 13 илјади полицајци и тајни агенти се ангажирани за безбедноста на настанот.

Во Вашингтон веќе се поставени трибини долж улиците каде ќе помине поворката на претседателот Доналд Трамп. Овие зони ќе бидат пешачки зони под силно обезбедување.
Над 13 илјади полицајци, ФБИ агенти, тајни агенти и припадници на Националната гарда ќе ги обезбедуваат настаните во Вашингтон за време на инаугурацијата на Доналд Трамп. Посетителите коишто добијат билети за инаигурацијата веќе се предупредени дека не смеат да носат чадори, стапови за селфи, големи торби, ножеви и други остри предмети. Тие ќе бидат проверувани со метални детектори пред да бидат пуштени до трибините. Тим за одговор на опасности на ФБИ ќе распореди тимови на терен опремени со заштитни униформи од напад со опасни течни материи и екплозивни направи.
„Подготвени сме да одговориме на сѐ, од претрес до пукање што може да се случи“, вели Џена Конор, канцеларија на ФБИ за Вашингтон.
„За време на инаугурацијата, ќе бидеме на улица и ќе бараме работи што изгледаат сомнително. Ако некој види нешто вакво оставено некаде, ние треба да откриеме дали е потенцијална опасност“, вели член на тим за остранување бомби.
Нивото на безбедност во главниот американски град е подигнато на највисоко ниво неколку дена пред самата инаугурација. Деноноќно се обезбедуваат и трибините за посетителите и официјалните лица.
23 групи граѓани најавија протести против Трамп, од кои две добија и официјална дозвола да протестираат, но местата за нивното протестирање ќе бидат ограничени.
Засилено е и обезбедувањето на новиот хотел на Трамп во Вашингтон, што веќе неколку пати беше цел на оштетување со испишување на графити.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
