Падна таван во тетовска гимназија
Паднал дел од таванот во училница во тетовската гимназија Кирил Пејчиновиќ, за време на одморот, додека во неа имало ученици.

Инцидентот во кој никој не е повреден, се случил додека на покривот мајстор работел на поправки бидејќи со денови протекувало вода.
„При таа интервенција, еден од мајсторите паднал на таванот и едно парче од тој дел падна во училницата“, изјави Намикќамил Мустафа – Директор на гимназија Кирил Пејчиновиќ – Тетово.
Учениците и родителите со години предупредуваа дека условите во оваа барака во која се одвива наставата на македонски јазик се лоши. Ова е само еден од петте објекти во кои учат тетовските гимназијалци, бидејќи има просторен проблем.
„Учениците се во училница додека траат поправките затоа што нема доволно училници. Ова беше мала интервенција бидејќи ни протекува покривот, а реконструкцијата се одолговлекува. Тој проблем ни стои на глава, штом заврне веднаш протекува“, додава Намикќамил Мустафа – Директор на гимназија Кирил Пејчиновиќ – Тетово
Директорот рече дека е потребна реконструкција на објектот, но не можеше да каже кога тоа ќе биде реализирано.
Од министерството за образование беа обезбедени средства за обнова но само за централниот објект. Бараките и натаму останаа во ваква стостојба.
Автор: Зоран Јованоски
Снимател: Даниел Евросимоски
