Стабилни цени на пазарот на недвижности

17.01.2017 12:22

Презентиран извештајот од Регистарот на цени и закупнини за периодот од јуни до септември минатата година. Од Агенцијата најавија дека забрзано работи на воспоставувањето на системот за масовна проценка на недвижностите.

Понудата на станови ја задоволува побарувачката и во моментов има доволно новоизградени станови, велат од Агенцијата за катастар на недвижности. Презентиран извештајот од Регистарот на цени и закупнини за периодот од јуни до септември минатата година.

„Цените на пазарот на недвижности остануваат стабилни, со благ пад во некои општини, како реакција на презаситеноста на пазарот на ново изградени стнаови. Агенцијата за катастар на недвижности во следниот период очекува дека доколку условите на пазарот останат исти во подолг временски период, очекуваме благ пад на цените на недвижностите, пред се поради зголемената градежна активност и значителната намалена побарувачка на станови“, изјави директорот на Катастар, Славче Трпевски.

Од Агенцијата најавија дека забрзано работи на воспоставувањето на системот за масовна проценка на недвижностите.

Катастарот следната година ќе изврши масовна проценка на сите недвижности во Свети Николе, Зелениково, Гостивар и Кисела Вода, како пилот општини за воспоставување на системот за масовна проценка со кој секоја недвижност во државава ќе добие пазарна вредност.