Уапсениот Узбекистанец ја призна вината за новогодишниот напад во Истанбул
Абдулгадир Машарипов бил обучуван во Авганистан и е поврзан со милитантите на Исламска држава. Во нападот во ноќниот клуб Реина загинаа 39 луѓе, меѓу кои и многу странски туристи.

34- годишниот Абдулгадир Машарипов ја призна вината за новогодишниот масакр во Истанбул во кој загинаа 39 луѓе. Полициската истрага утврди и совпаѓање на отпечатоците на прстите со оние кои беа пронајдени на местото на злосторството. Узбекистанецот беше уапсен во квартот Есенјурт во заедничка акција на полицијата и на турската тајна служба. Во рацијата се приведени и три жени и Киргистанец, а запленето е и големо количество оружје и 197 илјади американски долари.
„Машарипов е узбекистански државјанин роден во 1983 година и бил обучуван во Авганистан. Јасно е дека го извршил нападот во име на Исламска држава. Во Турција дошол во јануари минатата година. Познат е под името Абу Мохамед Хорасани Абдулкави и зборува 4 јазици“, изјави Васип Сахин, градоначалник на Истанбул.
Според властите, терористот дошол во Труција во почетокот на 2016 година, а во Истанбул се селел два пати непосредно пред нападот.
„Во полициската акција е прегледан видеоматеријал во траење од 7.200 часа кој е документиран од сигурносните камери. Учествуваа 2.000 полицајци и припадници на специјалните единици“, изјави Сахин.
На први јануари, Машарипов отвори оган кон посетителите на локалот „Реина“, усмртувајќи и голем број странски туристи. Одговорноста ја презедоа џихадистите од Исламска држава кои сакаат да се одмаздат за турските операции на сириски терен. Според официјална Анкара, оваа организација е виновна и за последните шест напади во Турција.
Маја Филдишев
