Почна изборот на нов претседател на ЕП, Тајани и Питела со најголеми шанси
Почна изборот на нов претседател на Европскиот Парламент. Европратениците треба да изберат и нови 14 потпретседатели и членови на 20 парламентарни комисии. Шест кандидати се пријавија за да го заменат германскиот социјалист Мартин Шулц кој реши да се врати на германската политичка сцена. Претседателот на Групата на либералите и демократите Верхофстат се повлече од трката.

Европратениците од десет часот изутринава гласаат за изборот на нивни претседател.
„Според деловникот за работа што го добив за функцијата претседател на Европскиот парламент се следниве кандидатури кои ќе ги прочитам по азбучен ред: Елеонора Форенза (Обединета европска левица- Нордиска зелена левица група, Италија), Жан Ламберт (Група на зелените/ Европската слободна алијанса Велика Британија), Џани Питела (Прогресивна алијанса на социјалистите и Демократите, Италија), Лорентиу Ребега (Европа на Нации и Слобода , Романија), Хелга Стивенс, (Европски конзервативци и реформисти група, Белгија), Антонио Тајани, Партија група на Европската народна партија (Италија) и Ги Верхофштат (Група на Алијансата на либералите и Демократите за Европа, Белгија). Кандидатите ме нформираа дека ова е направено со нивна согласност“, соопшти досегашниот претседател Мартин Шулц.
Според проценките, најголеми шанси да стане претседател на Европскиот Парламент има Антонио Тајани и Џани Питела, двајцата од Италија.
Тајани има солидно политичко искуство. Тој беше комесар на ЕУ за сообраќај од 2008 до 2010 година, а потоа комесар за индустрија од 2010 до 2014. Тајани влезе во Европскиот парламент во 1994 година. Тогаш, тој стана основачки член на партијата Форца Италија на поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони.
Вториoт Италијанец во трката е Џани Питела од социјалдемократските редови.
Ги Верховстад ја повлече својата кандидатура, а по првиот круг на гласање Елеонора Форенза (Обединета европска левица-Нордиска зелена левица група, Италија), Жан Ламберт (Група на зелените / Европската слободна алијанса Велика Британија), освоија по 50 гласови секоја, Џани Питела (Прогресивна алијанса на социјалистите и Демократите, Италија), 183, Лорентиу Ребега (Европа на Нации и Слобода , Романија), 43, Хелга Стивенс, (Европски конзервативци и реформисти група, Белгија), 77 и Антонио Тајани, Партија група на Европската народна партија (Италија) 274.
Вториот круг на гласањето е предвиден за попладнево.
Тони Гламчевски, постојан дописник од Стразбур за МРТ
