3.000 лидери на Светскиот економски форум во Давос
Форумот во Давос на Швајцарските Алпи ја собра светската политичка и бизнис елита. Присутни се околу 3 илјади учесници. Ши Џинпинг ќе биде првиот кинески претседател што учествува на престижниот форум. Кина, Доналд Трамп и Брегзит би требало да бидат главните теми во Давос.

Од денеска до петок Давос е место на кое се собира светската политичка,бизнис и граѓанска елита. Годинава на Светскиот економски форум ќе учествуваат рекордни 3.000 лидери, а полицијата по неколкуте безбедносни закани во последниве две години максимално ги зголеми безбедносните мерки. Организаторите обезбедија рекорден буџет за оваа намена од 9 милиони швајцарски франци.
„Трошоците за безбедносни мерки лани беа зголемени за милион франци, но не знам дали тие ќе пораснат и годинава. Ќе видиме на крајот на Светскиот економски Форум.Се разбира трошоците беа зголемени поради интензивната безбедност за учесниците и особено поради неопходните мерки за учесниците во сегментот на високо ниво. Нивото на опасност во Швајцарија е зголемено. Најверојатни се заканите од напад на поединци или мали групи извршители кои бараат помали логоистички напори“, изјави Валтер Шлегел, шеф за безбедност на Светскиот економски форум.
Развиените земји во светот и земјите во равој треба да му дадат предност на животниот стандард пред апсолутниот раст, како најдобар показател на економските перформанси, порачаа организаторите на отворањето на Форумот.
„Светот се трансформира технолошки, економски, социјално и политички. Нема едноставни, готови решенија. Тоа што е под итно потребни се прагматизам и акции ориентирани кон иднината, дури и во форма на мали чекори, за да се осигураат позитивни приказни“, изјави Клаус Шваб, основач на Светскиот економски форум во Давос.
Во најновиот извештај се предлага свртување во глобалната политика за да се придвижи во исто време и стопанскиот раст, но и да се намали нееднаквоста. И годинава повторно на Форумот ја нема германската канцеларка Меркел, а доаѓањето го откажа и израелскиот премиер Нетанјаху.
Сепак вчера пристигна кинескиот претседател Џинпинг, кој заедно со американскиот потпретседател Бајден ќе бидат главни говорници на 47-от Светски економски форум.
Свето Николовски
