Договор за соработка меѓу охридскиот Хидробиолошки завод и Музејот на езерото Бива
Директорите на Хидробиолошкиот завод од Охрид и Музејот на езерото Бива од Јапонија, денеска потпишаа договор за воспоставување на научна соработка помеѓу двете институции. Тоа ќе биде чекор напред во зајакнувањето на македонско - јапонската билатерална соработка во научната област, а од друга страна нашите експерти ќе можат да ги искористат искуствата на своите јапонски колеги во поглед на заштитата на Охридското Езеро.

Соработката помеѓу ХБЗ од Охрид и Музејот на езерото Бива ќе се одвива на две нивоа. Во делот на научно истражувачката соработка ќе се вршат заеднички испитувања на ретки едндемски видови и староста на езерото, додека во делот на музејската соработка предвидено е претставување на Охридското Езеро во јапонскиот музеј. Секако нема да изостане ниту соработката кога се работи за еколошката заштита на езерата.
„Езерото Бива како и охридското е старо неколку милиони години и од него со питка вода се снабдува целиот регион околу него, односно 14 милиони жители. Причина повеќе нашите експерти да ги црпат јапонските искуства за зачувување на македонскиот бисер“, изјави д-р Елизабета Велјаноска- Сарафилоска, директор на ХБЗ-Охрид.
„Македонскиот народ покажува силна заложба за заштита на Охридското Езеро и животната средина, поради што очекуваме нашата соработка да биде успешна. Потпишувањето на договорот е почетна точка за зголемување на научно-истражувачката соработка помеѓу двете институции“, рече д-р Тори Шинохара, директор на Музејот на езерото Бива.
Потпишувањето на договорот не е само чекор напред во зајакнувањето на македонско-јапонската билатерална соработка во научната област, туку и можност да изнајдеме соодветни решенија за да го заштитиме Охридското Езеро кое е најголемиот базен со питка вода во Европа.
Сашо Нелоски
