Благ пад на цените на недвижностите, ако пазарните услови останат исти
Понудата на станови ја задоволува побарувачката и во моментов има доволно новоизградени станови, велат од Агенцијата за катастар на недвижности. Презентиран извештајот од Регистарот на цени и закупнини за периодот од јуни до септември минатата година. Од Агенцијата најавија дека забрзано работи на воспоставувањето на системот за масовна проценка на недвижностите.

Благ пад на цените на недвижностите, ако условите на пазарот останат исти подолг временски период- очекуваат од катастарот на недвижности. Градежната активност е зголемена, но се намалува побарувачката на станови.
Моментално на пазарот на недвижности на продажба се околу 11.000 станови. Бројот на новоградби, становите кои во моментов се градат, како и целокупната понуда, ја задоволуваат побарувачката.
Доколку се зголеми побарувачката, од Агенцијата за катастар велат дека веќе има доволно залиха на новоизиградени станови. Оценуваат, цените на пазарот на недвижности се стабилизирани, со благ пад во некои општини како реакција на презаситеноста од новоградби.
„Што се однесува до продадените новоградби овој квартал се регистрирани 646 вакви продажби штопретставува зголемување за 141 продажба во однос на вториот квартал од 2016 година кога беа регистрирани 499 продажби на новоградби. Во овој квартал согласно податоците од базата на катастарот на недвижности имаме 2.807 новоизградени станови кои се непродадени и се нудат на пазарот на недвижности, додека во тек на градба се 8.332 станови на целата територија на Македонија“, изјави директорот на Агенцијата за катастар, Славче Трпевски.
Катастарот идната година ќе врши масовна проценка на сите недвижности во четири општини: Свети Николе, Зелениково, Гостивар и во Кисела Вода, за да ја утврдат точната пазарна вредност.
Ана Јосифоска- Тодоровска
