Последни подготовки за Богојавление- Водици

17.01.2017 15:35

Во тек се последните подготовки за прославата на големиот верски празник Богојавление. Министерството за внатрешни работи ќе воведе посебен сообраќаен режим. На два дена пред Водици, во Македонската православна црква – Охридска Архиепископија се пријавуваат луѓе кои ќе скокаат по светиот крст.

Минусните температури и снегот не ги предомислија верниците да учествуваат во прославата за Богојавление- Водици. Интересот и годинава е огромен. Досега околу 100- тина граѓани се пријавиле за да скокаат по осветениот крст во водите на Вардар во центарот на Скопје. Тие веруваат дека крстот ќе им донесе здравје и среќа во целата година.

Од МПЦ- Охридска Архиепископија очекуваат верниците и годинава масовно да ја проследат вековната традиција. Пријавувањето завршува в среда.

Се верува дека со Водици завршуваат нечистите, некрстени денови. Се празнува два дена.

 

Викторија Милевска