Одложено рочиштето за случајот „Тврдина 2“
Второ, подготвително рочиште за случајот „Тврдина 2“. Кривичниот суд му наложи на Специјалното јавно обвинителство да се обрати до надлежната Дирекција и до МВР за барањето за употреба на доказите кои се сметаат за класифицирани. СЈО, пак, смета дека овие докази треба да ги видат и слушнат лица кои поседуваат безбедносен сертификат. На денешното рочиште се појавија сите седуммина, обвинети од СЈО, кои се товарат за уништување документација поврзана со системите за прислушување.

Сѐ уште дилема дали тајните докази за случајот „Тврдина 2“, за кој СЈО покрена обвинителен предлог, може да се користат во судска постапка. Министерството за внатрешни работи и УБК не дозволиле нивна декласификација- утврдено на подготвителното рочиште.
Судот го задолжи Специјалното обвинителство да побара дополнително објаснување од МВР за употреба на класифицираните информации во судска постапка. На СЈО му посочи и да побара мислење и од Дирекцијата за заштита на доверлливи информации, дали по одбивањето за декласификација од УБК, можат да се изведат доказите со ограничена употреба.
Адвокатот на дел од обвинетите, Никола Додовски, побара судот да ги отфрли доказите за кои надлежните институции не издале соодветно одобрение.
Во случајот „Тврдина 2“, СЈО обвини седуммина вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање за уништување документација, поврзана со системите за следење на комуникациите.
Наредното рочиште е закажано за 13-ти март.
Наташа Гркова- Петрушевска
