Жешки теми на економскиот форум во Давос

17.01.2017 16:45

Политичари, бизнис лидери, познати личности. Давос, престижниот швајцарски ски- ресорт на Алпите по 47-ми пат ја собра светската елита. На Економскиот форум се отвораат жешки теми- последиците од излегувањето на Британија од Европската унија, промената во Белата куќа, но и прашањето како да се подигне животниот стандард во светот. Џипинг е првиот кинески претседател што присуствува на овој собир.

Главна грижа на Светскиот економски форум годинава ќе биде променетата политичка слика што ја одбележуваат: излегувањето на Британија од Унијата, неизвесноста со новиот мандат на претседателот Трамп, растежот на народните партии. Но, за разлика од лани повторно расте цената на суровата нафта, берзите се во далеку подобра состојба, а забавувањето на кинеската економија не загрижува.

Во обраќањето кинескиот претседател Џипинг потсети дека нема победници со враќањето на трговскиот протекционизам.

„Мора да ги удвоиме напорите за развој на глобалното поврзување што ќе им овозможи на сите земји, меѓусебно поврзани, да постигнат раст и да го споделат просперитет. Ние мора да останеме посветени на развојот, на слободната трговија и инвестициите, промовирањето на трговијата и инвестициите, либерализацијата и да му кажеме „не“ на протекционизмот“, рече кинескиот претседател Кси Џипинг во својот говор.

Развиените земји во светот и земјите во равој треба да му дадат предност на животниот стандард пред апсолутниот раст, како најдобар показател на економските перформанси, порачаа организаторите на отворањето на Форумот.

„Светот се трансформира технолошки, економски, социјално и политички. Нема едноставни, готови решенија. Тоа што е под итно потребни се прагматизам и акции ориентирани кон иднината, дури и во форма на мали чекори, за да се осигураат позитивни приказни“, нагласи Клаус Шваб, основач на Светскиот економски форум во Давос.

Годинава на 47-от Светски економски форум учествуваат рекордни 3.000 лидери. Во извештајот се предлага свртување во глобалната политика за да се придвижи во исто време и стопанскиот раст, но и да се намали нееднаквоста.

И годинава повторно на Форумот ја нема германската канцеларка Меркел. Освен Џипинг главни говорници се и досегашниот американскиот подпретседател Џо Бајден и Антони Скарамучи, кој е дел од извршниот комитет за преземање на власта на новиот претседател Трамп.

Свето Николовски