Промени во американската јавна дипломатија

18.01.2017 10:15

Американската јавна дипломатија на новиот претседател Доналд Трамп ќе работи исклучиво во интерес на САД, а не за постигнување на американски цели во странски држави како досега. Борбата против тероризмот високо котира на агендата на Трамп.

Новиот американски претседател Доналд Трамп нема да ја користи јавната дипломатија како средство за убедување и постигнување на цели во странски држави како неговиот претходник Барак Обама. Американски експерти советуваат оваа политика да продолжи, што се коси со намерата на Трамп да не се меша во внатрешните работи на други држави.

„Јавната дипломатија треба да се мобилизира за да дискретно ги постигне целите на националната безбедност и на надворешната политика со убедување насочено кон странски државјани. На пример, помош на балтичките држави да изградат одбрана против потенцијалната руска агресија, охрабрување на иранската јавност да се спротистави на создавање на нуклеарно оружје, покажување демократија и слободна економија на Кубанците преку имање слобода на избор и започнување бизнис“, изјави Џејмс Гласманпоранешен потсекретар за јавна дипломатија во администрацијата на Џорџ Буш.

Трамп најверојатно ќе ја продолжи програмата за сузбивање на пропагандата на Исламската држава за регрутирање на странски борци.

„Американската влада вложи многу во програмите за борба против тероризмот, но недоволно користи блокада на идеологијата на екстремистите. Јавната дипломатија игра улога во ова со убедување на странските државјани да се откажат од екстремистичките намери. Идната администрација треба посилно да се фокусира на интеграција на поединци во локалната и регионалната економија“, вели Кетрин Браунексперт за надворешна политика на Центарот за стратегиски и меѓународни студии во Вашингтон.

Половина од досегашниот буџет на Стејт Департментот за јавна дипломатија оди за финансирање на Гласот на Америка и Радио Слободна Европа. Имајќи ја намерата на Трамп да штеди на државната администрација, неизвесно е дали тој ќе го продолжи постоењето на овие медиуми.

Америка на прво место е правецот на американската надворешна политика на новиот американски претседател Доналд Трамп.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ