Серија силни земјотреси во централна Италија

18.01.2017 12:23

Првиот земјотрес со интензитет од 5,4 степени Рихтерови се случи во 10:25 часот, по локално време. Според Европскиот медитерански сеизмолошки центар, епицентарот бил на 111 километри североисточно од Рим...

Серија од три силни земјотреси ја потресоа централна Италија. Првиот земјотрес со интензитет од 5,4 степени Рихтерови се случи во 10:25 часот, по локално време. Според Европскиот медитерански сеизмолошки центар, епицентарот бил на 111 километри североисточно од Рим, на 28 километри од општина Асколи Пичето и на 36 километри од градот Аквила. И двете населени места беа погодени од претходните силни земјотреси. Потресот бил на длабочина од 10 километри.

Во 11:14 часот, по локално време беше регистриран втор земјотрес со интензитет, според различни извори, меѓу 5,6 и 5,7 степени. Потресот беше на длабочина девет километри, а епицентарот во реонот меѓу општините Аквила и Риети, на 109 километри североисточно од Рим. Најблиску до епицентарот се општините Капитињно, Кампопосто, Аматриче и Кањано Амитерно.

Третиот силен земјотрес со интензитет од околу 5,5 степени регистриран е во 11:26 часот, по локално време. Епицентарот беше на 110 километри североисточно од Рим и на длабочина од 40 километри во зоната помеѓу општините Риети и Аквила.

Од безбедносни причини во Рим, каде што беа почувствувани потресите, беа евакуирани патниците од метрото.