Ќе се проширува капацитетот за сместување на бездомници во Момин Поток
Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски ќе му предложи на Советот на Градот двата милиони денари предвидени за Новогодишната прослава да бидат наменети за проширување на капацитетот за сместување на бездомни лица во пунктот во Момин Поток.

Пунктот за бездомници во Момин Поток во Скопје двојно ќе го зголеми капацитетот ако советниците на градот го прифатат предлогот на градончаланкиот Коце Трајановски парите наменти за прослава на Нова година бидат остапени за оваа категорија граѓани. Според Трајановски, за доградбата ќе бидат издвоени 2 милиони денари.
„Проширување на капацитетот за сместување на бездомни лица, односно за уште еден контејнер со 16 легла и повеќе туш кабини. На следната седница на Советот на Град Скопје ќе предложам средставата во износ од 2 милиони денари кои беа предвидени за Новогодишната прослава во градот да ги намениме за проширување на капацитетот за сместување на бездомни лица во пунктот во Момин Поток“, истакна градоначалникот Трајановски.
Црвениот крст на град Скопје, со поддршка на Град Скопје од 30 декември 2016 година, поради екстремно ниските температури им понуди 24 часовно згрижување на бездомниците. Изготвен е логистички план кој вклучува ангажиран тим кој функционира 24 часа и е воедно мобилен и спремен да ги преземе бездомниците од местата каде што се лоцирани.
Податоците покажуваат дека во Скопје има 170 бездомници.
