Премиерно прикажан документарецот „Танцот со пастрмките“

18.01.2017 12:51

Во рамките на одбележувањето на верскиот празник Богојавление- Водици, синоќа во Охрид премиерно беше прикажан документарниот филм „Танцот со пастрмките“. Автор на филмот е познатиот нуркач Милутин Секулоски- Миќо, кој пет години ги снимаше пастрмките во нивните подводни живеалишта за време на нивниот мрест.

Документарниот филм „Танцот со пастрмките“ кој го реализираа членовите на Нуркачкиот клуб „Амфора“ содржи ексклузивни подводни снимки на езерската кралица, средината во која опстојува и мрестот на овој ендемичен вид риба. Триесет минутниот филм е сниман неколку години, во период кога се мрести пастрмката, во мошне тешки услови, исклучиво во ноќните часови кога температурата на водата е помеѓу 5 и 6 степени.

„Имаме направено 50 часа снимен материјал, повеќе од стотина нуркања, се нуркаше на длабочина од 2 до 15 метри. Некогаш требаше да се нурка и до 40 метри, но да се реализира овој проект имавме доста проблеми поврзани со доста планктон, влегувавме ноќе, многу матни води се случуваше да има и струење“, вели Милутин Секулоски- Миќонуркач- автор на филмот.

Туристичките работници сметаат дека овој документарен филм треба да се користи во промотивни туристички цели.

„Туристите сакаат приказни, а посебно автентични приказни поткрепени на ваков начин со подводни снимки, со подводна фотографија. И сето ова е добро што е дел од него и го видовме на филмот. Туристите кои се заинтересирани за нуркање, Нуркачкиот клуб „Амфора“ може да ги воведе во овој подводен свет“, смета Дончо Танески, поранешен претседател на ХОТАМ.

Носечка порака на овој документарен филм е да ја подигне свеста на луѓето за значењето на овој едндемичен вид риба, за потребата таа да се заштити и воопшто на целиот жив свет во езерото.

 

Сашо Нелоски