Пунктот за бездомници во Момин Поток двојно ќе го зголеми капацитетот

18.01.2017 14:47

Пунктот за бездомници во Момин Поток во Скопје, двојно ќе го зголеми капацитетот, ако советниците на градот го прифатат предлогот на градоначалникот Трајановски. Парите наменети за прослава на Нова Година да бидат отстапени за оваа категорија граѓани. Според Трајановски, за доградбата ќе бидат издвоени 2 милиона денари. Податоците покажуваат дека во Скопје има 170 бездомници.

Нови чизми за студот и снегот, нешто малку за јадење и за лична хигиена, добија денеска бездомниците кои го посетуваат пунктот за бездомници во Момин Поток. Тука се испреплетуваат многу животни приказни. Една од нив е и онаа на 21-годишниот Екрем. Од ниските температури и снегот се засолнува тука.

Двојно ќе се зголеми капацитетот на центарот, ако советниците на Град Скопје го прифатат предлогот на градоначалникот, парите наменети за прослсва на Нова година да бидат пренеменети за оваа категорија граѓани.

Нема официјални податоци уште на колку луѓе во земјава улицата им е дом. Во Скопје се регистрирани околу 170, според Црвен крст во другите градови има десетина. Но, единствено за бездомниците во главниот град има пункт кој поради ниските температури е отворен секој ден 24 часа.

Нерешени имотни прашања, деца без родители, користење на некој порок, дел од причините поради кои се нашле под ведро небо. Волонтерите на Црвениот крст, велат ним им е битно некој да ги ислуша, отфлени се од семејството, сакаат и тие да припаѓаат некаде. Ги има од сите социјални слоеви, поголемиот дел од нив не знаат да пишуваат, или имаат завршено до четврто одделение, но има и образовани луѓе.

Дека секому може да му се случи, покажува и статистиката. На светско ниво, бројот на бездомници од 2010-та досега се зголемил за 30 проценти. 100 милиони жители на планетата немаат свој дом.

 

Наташа Јанчиќ