Маестро Ѓумар- ѕвезда на диригентското небо
Саша Николовски - Ѓумар без сомнеж беше една од најсјајните ѕвезди на нашето современо диригентско небо. Македонската култура изгуби многу, го изгуби уметникот кој речиси четврт век успеваше, најдлабоките и најинтимните размисли на многубројните светски и македонски автори да ги претвори во музика...

Благодарение на Ѓумар десетици нови дела создадени во изминативе три децении ја здогледаа светлината на денот, а другите кои веќе беа изведени, доживуваа нови, поуверливи и помоќни претставувања. При секоја подготовка на премиерна изведба речиси неподелена беше желбата таа да биде под сигурната и сугестивна рака на маестро Ѓумар. Македонската култура изгуби многу, го изгуби уметникот кој речиси четврт век успеваше, најдлабоките и најинтимните размисли на многубројните светски и македонски автори да ги претвори во музика, онаква каква што можеше да создадат само најталентираните мајстори на диригентската палка. Маестро, длабок поклон и бескраен аплауз.
Писмо со сочувство до семејството Николовски испрати и претседателот Иванов. Саша Николовски- Ѓумар нѐ напушти во своите најплодни години кога имаше уште толку многу да ѝ даде на македонската музика, напиша шефот на државава.
Семејството, роднините, пријателите и колегите му оддадоа последна почит на Ѓумар, потсетувајќи се на неговото богато музичко творештво, професионална посветеност и ангажман кои со години ги градеше достоинствено на македонската култура, на национално и на меѓународно ниво.
Ана Јосифоска- Тодоровска
