Аерозагадувањето- закана за здравјето

18.01.2017 16:25

1.300 луѓе годишно во Македонија умираат како последица од аерозагадувањето. Истражување на Институтот за јавно здравје покажа дека Скопје е најзагаден град во Европа. Градските власти уверуваат дека преземаат мерки.

Аерозагадувањето главен причинител за смртните последици. Според студијата на Институтот за јавно здравје, Скопје е меѓу најзагадените европски градови според концентрациите на ПМ 2,5 честичките. Во Букурешт и во Будимпешта годишно има по 30- 40 микрограми вакви честички на кубен метар. Во Скопје достигнува до 70. Зимскиот период, велат надлежните е најкритичен.

Околу 70.000 години на живот се губат во целата популација како ефект од аерозагадувањето. До овој податок е дојдено од епидемиолошката студија работена со конкретни податоци од терен- тврди проф.д-р Драган Ѓорѓев, Институт за јавно здравје.

На неа работеле 3 години со податоци за причини за смртност од Заводот за статистика и концентрациите на загадувачките материи. Движењето на загадувањето се поклопува со движењето на смртноста, тврдат од Институтот.

Граѓаните посочуваат низа причини за загадениот воздух.

Ото Ханинен, фински експерт за квантификација на ризиците од Институтот за здравје рече дека една од главните работи историски гледано, кои успеале да ги направат е промоцијата на централното парно греење како решение, а постигнале напредок и во индустрискиот сектор.

Градските власти најавија сет од 50 мерки за подобрување на воздухот. Греењето на пелети, замената на стари со нови автобуси, почесто користење на градскиот превоз, еколошки дозволи за индустриските капацитети- се дел од можните решенијата. Но, експертите велат за нивна реализација е потребен подолг период.

 

Наташа Гркова- Петрушевска