Лавина реакции откако СЈО се откажа од „Пуч“
Специјалното јавно обвинителство се откажува од обвинителниот акт за „Пуч“ во кој беа обвинети лидерот на СДСМ, Зоран Заев, екс разузнавачот Зоран Верушески, неговата сопруга, вработен во мвр и вработен во општина Струмица. Од обвинителството на Јанева како причина за повлекувањето наведуваат дека содржината на обвинението за „Пуч“ не кореспондира со доказите. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со реакции за одлуката на Јанева.

Лавина реакции следуваа откако Специјалното јавно обвинителство соопшти дека се откажува од обвинителниот акт за предметот „Пуч“. СЈО посочува дека фактичката состојба во обвинението е во спротивност со доказите од случаите на ова обвинителство, „Таргет“ и „Тврдина“.
Опозициската СДСМ преку соопштение посочи дека монтираниот случај „Пуч“ е доказ и поука оти никој не може да ја спречи правдата.
„Пропадна најголемиот, најочајниот и најнискиот обид за судски монтиран процес во независна Република Македонија, инициран од поранешниот премиер Никола Груевски. Со денешната одлука на Специјалното јавно обвинителство, да се откаже од обвинителен акт против претседателот на СДСМ, Зоран Заев и другите лица во таканаречениот случај „Пуч“- и официјално се потврди дека „странските служби, жолтите комбиња, тактичката опрема, клонираните базни станици“ се несовесна и безобразна измислица на Никола Груевски“, стои во соопштението на СДСМ.
На одлуката на СЈО реагираа и од ВМРО-ДПМНЕ.
„Катица Јанева со денешната одлука потврди дека основната задача на СЈО не е расчистување на скандалот со незаконското прислушување туку вклучување во политичката битка. Основната задача на СЈО беше да ги расчисти кривичните дела кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Со денешната одлука СЈО целосно се делегитимираше и самото се откажа од основната функција за која што е формирано“, изјави Трајко Вељаноски.
Случајот „Пуч“ го отвори јавното обвинителство во април 2015-та година против претседателот на СДСМ, Зоран Заев за насилство спрема претставници од највисоки државни органи и поранешниот разузнавач Зоран Верушески за неовластено прислушување и тонско снимање, шпионажа и насилство спрема претставници од највисоки државни органи.
На почетокот на минатата година СЈО предметот го побара како надлежно обвинителство за прислушуваните разговори, а го доби пред шест месеци.
Случајот „Таргет“, пак СЈО го објави на 16-ти ноември 2016-та, против 10 лица, некогаш и сега вработени во УБК за незаконското следење на комуникациите во период од 2008-ма до 2015-та година.
Во случајот „Тврдина“, пак, се работи за уништување на опрема за прислушување вредна 10 милиони евра и на документација за набавката на таа опрема.
Фиљана Кока
