Охрид: Петар Рупески четврти пат го извади крстот од осветените води
Охриѓани повторно масовно и на уникатен начин го одбележаа големиот христијански празник Богојавление- Водици. Илјадници верници од Охрид, соседните градови и странство со уживање го проследија фрлањето на светиот крст во ладните езерски води по кој запливаа неколку стотина млади лица. И годинава најсреќен беше Петар Рупески, кој по четврти пат го фаќа крстот.
Охриѓани како и секогаш на спектакуларен начин го одбележаа верскиот празник Богојавление - Водици. На големиот Богојавленски водосвет на градското пристаниште присуствуваа илјадници верници од Охрид, земјата и странство, кои ја проследија неповторливата глетка кога по светиот крст запливаа стотина млади лица. Највешт и најсреќен беше Петар Рупески.
„Ова е четврти пат што го фаќам крстот. Во рок од 4 години три пати го фаќам и овие три-четири години баш ми се среќни. Ланската година ми беше една од најсреќните во мојот живот“, изјави Рупески.
Странските туристи се воодушевени од масовноста и начинот на кој се одбележува Водици во Охрид.
„Многу е убаво. Доаѓам по втор пат на Богојавление, феноменален празник, феноменална атмосфера. Дојдовме од Белград и секоја чест, преубаво е“, вели гостин од Србија.
Со продолжувањето на традициите особено се гордеат повозрасните охриѓани, кои се присетија како некогаш се одбележувал овој празник.
„Величествен празник, најголем славјански празник, туристичка атракција, да се слави на Балканот, Охрид е центар на славјанството“.
„Да ви кажам една анегдота. Најдобро се фрли во 1945 година. Сите што имаа шмајзери и пушки пукаа и беше најсвечено, а тогаш имаше и десеттина офицери од Русија“.
„Прекрасно, со гости, со пријатели, најбожествено“, велат охриѓани.
По завршувањето на верскиот церемонијал охриѓани и гостите во рестораните и кафулињата долж крајбрежјето уживаа во убавата песна, греената ракија, виното и во охридските специјалитети.
Сашо Нелоски
