Инаугурација на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп

20.01.2017 08:33

Доналд Трамп денеска официјално ќе стане 45-тиот американски претседател со положување заклетва пред Конгресот во Вашингтон. Инаугурацијата започна вчера со пристигнување на семејството Трамп во главниот американски град и со оддавање почит на загинатите американски војници на гробиштата Арлингтон и на ветераните со концерт на Линколн Меморијал.

Денеска е инаугурацијата на 45-тиот американски претседател Доналд Трамп.Точно на пладне во Конгресот Доналд Трамп ќе положи заклетва врз библијата на поранешниот американски претседател Роналд Реган и ќе се заколне дека ќе го штоти и брани американскиот устав. Потоа поворката на Доналд Трамп од Конгресот ќе замине долж Пенсилванија авенија до Белата куќа.

Новиот американски претседател Доналд Трамп со целото семејство вчера со воен авион од Њујорк пристигна во главниот американски град. На пистата во базата „Ендрјус“ официјално беше поздравен како нов врховен командант на американските воени сили. Трамп и семејството првиот ден во Вашингтон го поминаа во неговиот хотел на авенијата Пенсилванија во непосредна близина на Белата куќа. Претседателот Трамп и првата дама Меланија Трамп одржаа ручек во хотелот Трамп Интернационал за спикерот на Конгресот, конгресмени, сенатори, амбасадори, членови на изборниот штаб и на новиот кабинет. 

„Имаме многу паметни луѓе. Досега најмногу луѓе со висок коефициент на интелегенција во кабинетот“, изјави Трамп.

„Убаво е што сум овде и Ви благодарам на сите за поддршката. Утре ја почнуваме работата. Има многу одговорности и многу работи да се направат и ќе ја направиме Америка повторно голема“, рече Меланија Трамп, првата дама на САД.

Претседателот Доналд Трамп и потпретседателот Мајк Пенс им оддадоа почит на загинатите американски војници со положување венец цвеќе на гробиштата Арлингтон во Вирџинија. Оркестарот на маринците и многу музички ѕвезди настапија на концертот за ветераните, припадниците на воените сили и на спасувачките екипи на Линколн Меморијал во Вашингтон.

„Ви ветувам дека ќе работам многу напорно за да направиме пресврт. Ќе си ги вратиме работните места и повеќе нема да дозволиме други држави да ни ги земаат. Ќе ги изградиме повторно одличните воени сили. Ќе ги зацврстиме нашите граници. Ќе правиме работи што не се правеле за нашата држава многу децении. Тоа ќе се измени“, нагласи Трамп.

На инаугурацијата на новиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон присуствуваат околу два милиони луѓе од цела Америка и од светот.

Инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп чини 19 милиони долари.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ