ИК на ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката на СЈО за „Пуч“ скандалозна, срамна и политичка

20.01.2017 10:31

СЈО наместо орган што гони криминал, се промовираше во партиски орган на СДСМ чија основна задача е да ги штити криминалот на Заев и злосторничкото здружение околу него, стои во соопштението.

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ја оцени како скандалозна, срамна и политичка одлуката на Специјалното јавно обвинителство да го повлече обвинението за случајот „Пуч“.

СЈО наместо орган што гони криминал, се промовираше во партиски орган на СДСМ чија основна задача е да ги штити криминалот на Заев и злосторничкото здружение околу него, стои во соопштението. Политичката одлука на Катица Јанева е најдобра потврда дека Заев и Верушевски се фатени во криминал и дека органите на истрагата го поткрепиле случајот со цврсти и несоборливи докази, заклучил извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Заев ќе мора да одговара пред судските инстанци, бидејќи не е, ниту смее да биде привилегиран  над останатите граѓани, се вели во соопштението од партијата.

Со контра став се огласија од СДСМ. Со одлуката на Специјалното јавно обвинителство да се откаже од обвинителен акт против претседателот на СДСМ, Зоран Заев и другите лица во таканаречениот случај „Пуч“, се потврди дека Груевски е фатен во обидот да монтира политички случај, со надеж дека ќе се извлече од скандалот со нелегалното прислушување.

Од партијата велат дека правдата ќе излезе на виделина.