Демонстрации низ САД поради инаугурацијата на Трамп

20.01.2017 12:50

Масовни демонстрации низ САД поради инаугурацијата на 45-тиот претседател Доналд Трамп. Од Њујорк до Лос Анџелес, илјадници граѓани излегоа на улиците да го потврдат својот револт од претстојниот мандат на Републиканецот. Малкумина од левоориентираниот Холивуд беа заинтересирани за учество на церемонијата.

Протестни собири и концерти се одржаа во десетици градови на САД, почнувајќи од Пацифичкиот брег, па се до Атлантикот поради незадоволството од триумфот на републиканецот Доналд Трамп кој ја презема Овалната канцеларија.  Елитата на светскиот шоу-бизнис се собра во Њујорк пред Кулата на Трамп и порача дека борбата и отпорот ќе продолжат.

Колку и да мислиме дека ќе биде лошо, ќе биде полошо.  Добрата вест е што ние сме побројни од нив. Ова е почетокот на нашите 100 дена на отпорот“, изјави активистот Мајкл Мур.

Доналд Трамп, Стив Бенон и Мајк Пенс, како и целата администрација на Трамп очекуваат да потклекнете. Дали ќе се откажете? Една работа не им е јасна, а тоа е дека њујорчани никогаш не потклекнуваат. Зборувајте што сакате за овој град“, рече актерот Алек Болдвин.

Двократниот оскаровец Роберт де Ниро прочита неколку комични пораки од Твитер напишани во стилот на Трамп.

„Кариерата на Де Ниро е катастрофа. Де Ниро треба да се одрече од Оскарите. Гласањето беше фалсификувано. Постои само еден „Разгневен бик“, а тоа е Владимир Путин“- рече Де Ниро.

Во Вашингтон Ди-Си, демонстрантите од групата „Отфрлете го фашизмот“ беа растерани со солзавец. Револтирани од најавените политики на новоизбраниот претседател, извикуваа „Доналд Трамп има мали раце, никогаш нема да го изгради ѕидот“.

На улиците на Вашингтон во знак на протест ќе излезат и Дебра Месинг, Патриша Аркет, Оливија Вајлд, Шер и други познати припаднички на понежниот пол кои се дел од движењето „Маршот на жените“ чијашто цел е зачувување на достоинството и правото на оваа категорија граѓани.

Малкумина од познатите се согласија да учествуваат на церемонијата. Една од 40. организации кои ја прифатија поканата да бидат дел од инаугурацијата на Трамп е афроамериканскиот оркестар на колеџот од градот Таладега, Алабама. Групата беше остро критикувана поради ова, но нејзините членови изјавија дека тие пред се се музичари, а политиката треба да биде оставена настрана.

 

Маја Филдишев