Почна пријавувањето за бања и бесплатен викенд за пензионери
Изминативе години над 37 илјади пензионери ја искористиле поволноста. Од лани 4.470 корисници на пензија биле на бесплатен викенд.

Шеста година по ред пензионерите ќе можат да се рекрерираат во бања на сметка на државата. Изминативе години над 37 илјади пензионери ја искористиле поволноста. Од лани 4.470 корисници на пензија биле на бесплатен викенд.
Од денеска до 20-ти февруари 2017 година, сите корисници на пензија ќе можат да поднесат барање за користење на една од услугите од двата проекти „Бањско-климатска рекреација” и „Бесплатен туристички викенд“ спроведувани преку Mинистерството за труд и социјална политика, во филијалите на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, информираше министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими, појаснувајќи дека право на користење на услугите од овие проекти имаат корисници на старосна, семејна и инвалидска пензија, кои живеат во Република Македонија.
Образецот на барањето го има во филијалите на Фондот на ПИОМ и на веб страницата на Фондот на ПИОМ. Доколку корисникот на пензија користи и пензија од друга држава со која Република Македонија применува договор за социјално осигурување, задолжително доставува потврда од банка за износот на странската пензија. Доколку корисникот на пензија користи паричен надоместок за помош и нега од друго лице, додаток за мобилност и слепило или додаток за глувост нема потреба да доставува потврди за користење на овие права бидејќи ќе се врши проверка преку електронска размена на податоци меѓу институциите, истакна Ибрахими.
Повикот за користење на услугите ќе биде објавен на веб страниците на Министерството и Фондот на ПИОМ, а ќе се емитува и на Македонската радио телевизија.
