Потрошувачката на струја зголемена за 17 проценти

20.01.2017 15:43

Ниските температури и снегот ја зголемија потрошувачката на електрична енергија, која во првите 19 дена од јануари годинава е за 17% поголема во однос на истиот период лани.

Преносната и дистрибутивната електромрежа функционира без посериозни проблеми и во услови на ниски температури и при големи снежни навеви. Далноводите и преносната електромрежа на висок напон се целосно функционални и без нарушувања, а системот стабилен, велат од МЕПСО. Ниските температури и снегот по правило ја зголемуваат потрошувачката на електрична енергија во зимскиот период, велат од ЕВН Македонија.

„Од 1 до 19 јануари во земјава се потрошени 482 илјади мегаватчасови електрична енергија. Ако го споредиме тоа со минатата година, во истиот период биле потрошени 413 илјади, што значи цели 17% е зголемена потрошувачката на електрична енергија. Ова е просечно зголемување, но имаше и одредени денови кога потрошувачката беше многу голема и достигнуваше за 30-35% повеќе во однос на истиот период лани. Во однос на 2015-та, кога исто така имавме ниски температури, потрошувачката е зголемена само за 8%“, изјави Атанас Ковачевски, портпарол на ЕВН Македонија.

Влажниот и тежок снег предизвика проблеми во нисконапонската мрежа во скопско Драчево, во делови на општината Зелениково, каде што имало кинење на спроводници и прекини во снабдувањето со електрична енергија. Зголемениот конзум предизвикал проблеми и во централните градски подрачја, особено онаму каде што потрошувачката била драстично зголемена, но инвеститорите не побарале и зголемување на капацитетот на мрежата. Проблеми се јавуваат и при помасовен премин од загревање со парно на струја.

„Ако одеднаш се откажат поголем број корисници, тогаш веќе мрежата не е соодветна. Како мрежата на ЕВН, така и нивната внатрешна инсталација. Таков проблем имавме во три згради во населбата Аеродром кај салата „Јане Сандански“. повеќе станари се откажаа од парното и се префрлија на загревање со струја, но не побараа соодветен нов капацитет“, вели Ковачевски.

Податоците на ЕВН покажуваат дека од вкупно потрошената електрична енергија, дури 43 насто ја користеле жителите на главниот град. Во Тетово биле потрошени 7,4%, а во Битола 5% од струјата.

 

Свето Николовски