Олимпизам

Два дена до почетокот на Игрите во Сочи

05.02.2014 08:59

Одбројување на последните 48 часови до отворањето на 22-те Олимписки зимски игри...

Одбројување на последните 48 часови до отворањето на 22-те Олимписки зимски игри. Олимпискиот факел веќе  го осветлува Сочи. Откако од древната Олимпија пристигна на Црвениот плоштад во Москва, олимпискиот оган имаше долго и „возбудливо“ патешествие. Со вселенско летало отиде високо во вселената, факелот се нурна и во длабочините на Бајкалското езеро, а беше искачен и на  Кавказ на највисокиот врв во Европа, Елбрус.
 
Внесувањето на олимпискиот факел ќе биде врв на спектаклот на Свеченото отворање на 7 февруари. „Фишт олимпискиот стадион“ во Сочи со капацитет за 40 илјади гледачи е подготвен за големата претстава. По обичај во голема тајност се чува сценариото на отворањето на Олимпијадата. Познати се неколку поединости.
 
Дека во програмата ќе учествуваат еминентни руски музички уметници меѓу кои ќе бидат:маестрото на виола Јуриј Башмет, пијанистот Денис Мацуев, балерината Уљана Лопаткина, диригентот Валериј Гергиев...Свеченото дефиле ќе го сочинуваат досега рекордни 88 делегации.
 
Внесувањето на руското и олимпиското знаме, интонирање на руската и олимписката химна, заклетвите во името на спортистите и судиите, обраќањето  на претседателот Меѓународниот олимписки комитет Томас Бах , прогласувањето на Игрите за отворени од страна на претседателот на Русија, Владимир Путин- сето тоа ќе е вообичаениот протоколарен дел од отворањето на олимписките Игри.
 
Завршувајќи со моментот на палењето на олимпискиот оган и енигмата до последен момент, која ќе биде личноста што ќе ја има таа чест!