Почна пријавувањето за бања и бесплатен викенд за пензионери

20.01.2017 15:56

Шеста година по ред пензионерите ќе можат да се рекрерираат во бања на сметка на државата. Изминативе години над 37 илјади пензионери ја искористиле поволноста. Од лани 4.470 корисници на пензија биле на бесплатен викенд.

Почна пријавувањето за бесплатна бања и бесплатен викенд за пензионери. До 20- ти февруари заинтересираните ќе можат да поднесат барање за користење на една од услугите во некоја од подружниците на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување. Право на користење на услугите од овие проекти имаат корисници на старосна, семејна и инвалидска пензија.

Услугата бањско- климатска рекреација може да се користи во траење од седум дена и опфаќа шест полни пансиони, бањска терапија, задолжителен здравствен преглед и трошоци за превоз. Пензионерите можат да се одмораат во Негорски бањи, Катлановска бања, Дебарски бањи или во бања Банско.

Охрид, Преспа- Отешево, Берово, Струга и Крушево се дестинациите на кои пензионерите можат да појдат на бесплатен туристички викенд. Аранжманот опфаќа два полни пансиона и организиран автобуски превоз од местото на живеење на пензионерот до хотелот.

Наташа Јанчиќ