Најбарани лековите за кардиоваскуларни заболувања
Се зголемуваат потрошувачката и достапноста до лековите- покажува годишниот извештај на Фондот за здравствено осигурување. Најбарани во аптеките се оние за кардиоваскуларни заболувања, за проблеми со респираторниот и со нервниот систем. Во 2016 година, лек на рецепт подигнале над 1,2 милиона осигуреници, односно 66 проценти од вкупниот број.

Граѓаните лани во аптеките низ земјава најчесто ги барале лековите за кардиоваскуларни заболувања, за проблеми со респираторниот и со нервниот систем - покажуваат податоците од фондот за здравство. Од Фондот објаснуваат- се зголемуваат и потрошувачката и достапноста до медикаментите. За 75 проценти од лековите, осигурениците, освен партиципација, не треба да плаќаат дополнителни средства. Лани, лек на рецепт подигнале над 1,2 милиона осигуреници.
„Разликата на сегашната ситуација со таа од пред 10 години е огромна затоа што сега нема веќе редици во аптеките, нема дефицит од лекови и осигурениците не ги плаќаат приватно лековите по повеќепати повисоки цени“, изјави директорот на ФЗОМ, Сашо Стефаноски.
Граѓаните кои ги анкетиравме велат дека повеќе се придржуваат кон
Алтернативната медицина, другите пак ги почитуваат препораките на лекарите и земаат лек по потреба.
„Јас користам витамини и минерали, не користам лекови.“
„Имам две хронични болести и какви лекови ќе ми препишат докторите, такви земам.“
„Какви ќе ми препишат такви, најчесто аналгин за главоболка.“
„Повеќе се придржувам на алтернативната медицина за да не дојде до лекови“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.
Најголема потрошувачка на лекови е забележана во скопскиот регион, а најмала во североисточниот.
Андријана Атанасовска
