ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката на СЈО за „Пуч“ е политичка
ВМРО-ДПМНЕ одржа седница на Извршниот комитет. Реафирмирана е поддршката за Никола Груевски да продолжи со активностите во однос на преговорите за формирање влада. Одлуката на Специјалното јавно обвинителство за случајот „Пуч“ оценета како скандалозна, срамна и политичка. Од СДСМ одговорија- раководството на ВМРО-ДПМНЕ да се помири со фактот дека правдата доаѓа и ќе има одговорност.

СЈО наместо орган кој што гони криминал се промовираше во партиски орган на СДСМ, чија основна задача е да го штити криминалот на Заев и злосторничкото здружение формирано околу него, oценил Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Одлуката на СЈО ја нарекоа преседан. Според ВМРО-ДПМНЕ со партиската одлука на Катица Јанева се дерогира и претходната судска пресуда изречена по признание на еден од членовите на злосторничкото здружение на Заев и Верушевски. Зоран Заев не е, ниту смее да биде привилегиран и над останатите граѓани, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Политичката одлука на Катица Јанева е најдобра потврда дека Заев и Верушевски се фатени во криминал и дека органите на истрагата го поткрепиле случајот со цврсти и несоборливи докази. Во спротивно, немаше да постои причина Катица Јанева по втор пат да го спасува Зоран Заев од кривична одговорност. Катица Јанева само потврди дека е инструмент на СДСМ и Сорос“, изјави Влатко Ѓорчев.
Раководството на ВМРО-ДПМНЕ мора да се помири со фактот дека правдата доаѓа и ќе има одговорност- реагираат Социјал-демократите. Според СДСМ, Груевски од позиција на поранешен премиер измислувал жолти комбиња, тактички опреми, клонирани станици, странски служби, со цел да се спаси од скандалот со нелегалното прислушување.
„Затоа на Груевски и соработниците им засмета СЈО, формирано со потпис од Груевски на договорот од Пржино и со гласови на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во парламентот“-велат од СДСМ. Според нив, 612 илјади граѓани гласале за промени, правда и за поддршка на Специјалното јавно обвинителство.
Викторија Милевска
