Трамп влезе во Белата куќа, Македонија очекува зајакнување на билатералните односи
Новиот американски претседател Доналд Трамп официјално ја презеде функцијата и влезе во Белата куќа. Тој се обврза дека ќе работи за доброто на американскиот народ и за интересите на Америка. Над два милиони Американци пристигнаа за инаугурацијата во главниот американски град. Амбасадорот Наумовски очекува зајакнување на билатералните односи...
„Јас Доналд Џон Трамп свечено се колнам дека верно ќе ја извршувам функцијата Претседател на Соединетите Американски Држави и најдобро на моите можности ќе го чувам, штитам и бранам Уставот на Соединетите Американски Држави. Господ нека ми помогне.“
Новиот американски претседател Доналд Трамп вети дека Америка ќе биде на прво место за време на неговиот 4-годишен мандат. Во првото обраќање како претседател, Трамп рече дека ќе работи верно и напорно на подобрување на животот на Американците.
„Ќе бараме пријателство и добра волја со нациите во светот, но ќе го правиме тоа со разбирање дека е право на секоја нација да ги стави своите интереси на прво место. Не бараме да го наметнување нашиот начин на живот на другите, туку тоа ќе биде светол пример за останатите“, нагласи Трамп во својот говор.
Американци од целата држава со овации го поздравија својот нов претседател Доналд Трамп додека заедно со својата сопруга Меланија и најмладиот син Бајрон прошета по авенијата Пенсилванија за да ги поздрави собраните луѓе на трибините. Присутните на инаугурацијата веруваат дека Трамп ќе биде добар претседател.
„Многу интересно ќе биде да се види првата година. Ако сите се смират и го остават да работи, ќе видат што може да постигне. Не само од неговата Републиканска партија, туку и демократите да му овозможат да проба и да направи работи, мислам дека многу ќе постигне во наредните 4 години“, вели жител на Јужна Каролина.
„Тој ќе биде голем претседател. Ние го свртивме округот Деири во црвен, откако беше демократски уште од 94-та. Работевме многу за тоа, но за добра цел“, додава жителка на Пенсилванија.
„Нов ден е во Америка. Америка има шанса сега“, вели жител на Пенсилванија.
Македонија беше претставувана од македонскиот амбасадор во Вашингтон на инаугурацијата на новиот американски претседател.
„Беше навистина чест и задоволство да се присуствува во името на Република Македонија на инаугурацијата на 45-тиот американски претседател. Се надеваме дека билатералните односи помеѓу двете држави и двата народи ќе се зајакнуваат и во наредните години за време на администрацијата на претседателот Трамп“, изјави за МРТ амбасадорот на Република Македонија во САД, Васко Наумовски.
Во чест на новиот врховен командант, американските воени сили, припадници на полициските и спасувачките екипи, ветерани и резервисти парадираа во Вашингтон од Капитол Хил до Белата куќа. Првиот ден од мандатот на претседателот Трамп заврши со три балови во главниот американскиот град.
Новиот американски претседател уште од денеска ќе започне да ги презема функциите во Белата куќа.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
