ПССЕ ќе расправа за изборите во Македонија
Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПССЕ) на зимската сесија денеска ќе го разгледа извештајот за парламентарните избори во Македонија што ги набљудуваше нивна делегација.

Зимската сесија на ПССЕ која започнува денес ќе помине без нашата делегација, со оглед дека нашето Собрание не ја има избрано по парламентраните избори одржани во декември минатата година. Токму овие избори ќе бидат тема на денешната расправа во ПССЕ.
Првичната оценка на набљудувачката мисија на ПССЕ, беше дадена заедно со таа на ОБСЕ веднаш по изборите. Денес само ќе биде парафирано тоа што беше речено во Скопје, односно дека Македонија сега е на раскрсница која отвора пат кон нормалност во политичкиот живот.
Сите политички актери, според Советот на Европа, треба да ја докажат нивната решеност да ја насочат земјата во тој правец. Во таа прилика беше забележано дека, фундаменталните слободи биле испочитувани и учесниците во изборите можеле да водат слободно кампањи, но добиле поплаки за вознемирувања на гласачите и широко распространет притисок врз јавните службеници, што и самите го потврдиле во неколку случаи.
Општо земено, набљудувачите порачаа дека граѓаните пратиле јасна порака што сакаат, а тоа е крај на политичката криза, така што очекуваат јасен сигнал од новата влада дека заедно со другите партии во парламентот ќе ги спроведе неопходните реформи.
Тони Гламчевски, постојан дописник од Стразбур за МРТ
