Нова рунда преговори за Сирија во Астана
Нова рунда преговори за Сирија во казахстанската престолнина Астана. Учесниците се оптимисти за исходот на разговорите, но народот во Сирија не очекува револуционерни одлуки.

Сирискиот конфликт повторно ги собра светските лидери на иста маса. Овој пат мировната конференција се одржува во казахстанската престолнина Астана како дел од декемврискиот договор меѓу Русија и Турција. Иако присуствуваат и претставници од сириската влада и од бунтовничкото движење, тие нема директно да преговараат. Опозицијата инсистира исклучиво на дебата за одржување на прекинот на огнот, а власта бара одговор и на многу други прашања.
„Би дискутирале за зацврстување на договорот меѓу Русија и Турција за примирјето што треба да ја опфати целата територија на Сирија и истовремено да се внимава на секое непочитување од страна на власта и Иран, особено во Хомс и Дамаск. Ако се постигне ова, политичкиот процес ќе тргне напред“, вели Јахја Ал Ариди, портпарол на сириската опозиција.
Политичката елита се надева на прогрес по самитот во Астана, но народот во завојуваните зони на Сирија не очекува револуционерни одлуки.
„Со години слушаме за состаноци кои не даваат резултати. Сакаме сево ова да престане и да се вратиме безбедно во домовите.“
„Сакам да успее конференцијата во Астана. Ни треба мир, луѓето се веќе уморни од се.“
„Денешната средба е јасен показател за напорите на меѓународната заедница за мир во Сирија. Казахстан верува дека преговорите и заедничката верба се единствениот начин да се дојде до решение. Убеден сум дека состанокот во Астана ќе ги создаде потребните услови за соодветно решение во рамките на Женевскиот процес и дека ќе придонесе за создавање мир и стабилност во Сирија“, вели Кајрат Абдрахманов, министер за надворешни работи на Казахстан.
Казахстанските преговори се сметаат за најсериозен обид на меѓународната зедница за окончување на војната во Сирија. Организатори се Москва, Анкара и Техеран. Американскиот амбасадор во Казахстан ги претставува САД, а Вашингтон не прати делегација поради транзицијата на власта.
Последната рунда преговори под покровителство на ООН беше прекината на почетокот на минатата година. Тие не се однесуваат на џихадистите од Исламска држава.
Шестгодишната војна во Сирија однесе над 300.000 човечки животи, а расели 11 милиони.
Маја Филдишев
