Искорисетни над 10 милиони евра од програмата за прекугранична соработка со Грција

23.01.2017 12:56

Искористеноста на финансиските средства изнесува 82 проценти, со спроведени 57 проекти со вкупна вредност од над 10 милиони евра.

Граѓаните и институциите во прекуграничниот регион не само што имаат потреба за заедничка  соработка и соживот, туку покажуваат и свест и желба за да остварат заеднички активности. Претставени резултатите од ИПА програмата за прекугранична соработка Македонија- Грција за програмскиот период 2007- 2013 година. Искористеноста на финансиските средства изнесува 82 проценти, со спроведени 57 проекти со вкупна вредност од над 10 милиони евра.

„За Македонија на располагање беа 11,5 милиони евра со кои се финансираа проекти во Југозападниот, Пелагонискиот, Вардарскиот и Југоисточниот регион. Имплементирани се вкупно 57 проекти, за кои се алоцирани над 10 милиони евра за македонските партнери. Од досега одобрените финални проекти може да се види дека искористеноста на средствата на ниво на програмата изнесува над 82 проценти“, изјави министерката за локална самоуправа Ширет Елези.

Шефот на делегацијата на Европска Унија во Македонија Самуел Жбогар, изјави дека прекуграничната соработка е во сржта на процесот на интеграција и претставува тимска работа што ги надминува границите на земјите и гарантира политичка стабилност и просперитет на целиот регион.

„Европската унија ја оправдува оваа соработка затоа што на тој начин се создаваат врски меѓу луѓето. Ова претставува основа за просперитет и напредок на прекуграничните региони.  Регионите се трансформираат и добиваат  силен импулс и партнерството што беше стекнато не завршува со овој проект“, потенцира Жбогар.