ИПА програма: Македонија и Грција реализирале 57 проекти
Граѓаните и институциите во прекуграничниот регион не само што имаат потреба за заедничка соработка и соживот туку покажуваат и свест и желба за да остварат заеднички активности. Претставени резултатите од ИПА програмата за прекугранична соработка Македонија – Грција за програмскиот период 2007 – 2013 година.

Инфраструктурни објекти во прекуграничната зона, заштита на заедничкото природно и културно наследство, поволни здравствени и едукативни услуги, подобри услови за бизнис. Ова се активностите од програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Грција. Искористеноста на финансиските средства од ИПА програмата за прекугранична соработка за периодот од 2007-2013 година е 82 процента.
„За Македонија на располагање беа 11,5 милиони евра со кои се финансираа проекти во Југозападниот, Пелагонискиот, Вардарскиот и Југоисточниот регион. Имплементирани се вкупно 57 проекти, за кои се алоцирани над 10 милиони евра за македонските партнери“, изјави министерката за локална самоуправа Ширет Елези.
„Конкретните проекти што се засноваат на силно партнерство се суштински за постигнување на целите за регионален и локален развој, зголемување на атрактивноста и конкурентноста на областа и за подобрување на квалитетот на животот на луѓето. Верувам во нашата соработка и имаме многу позитивни очекувања од нашите проект партнери во следниот период“, изјави Александрос Самарас, претставник на ИПА програмата од Грција.
Прекуграничната соработка е во сржта на процесот на интеграција и претставува тимска работа што ги надминува границите на земјите и гарантира политичка стабилност и просперитет на целиот регион, рече шефот на делегацијата на Европската Унија.
„Прекуграничната соработка носи и збогатување на меѓусоседските односи. Ова партнерство продолжува и натаму со ИПА 2 програмата за периодот 2014-2020 година. Предизвиците со кои се соочуваат луѓето не се ограничени со границите и програмите за прекугранична соработка“, вели Самуел Жбогар, шеф на делегацијата на ЕУ.
Со новата ИПА 2 прекугранична програма со Грција на располагање се 40 милиони евра.
Ана Јосифоска- Тодоровска
