Се следи состојбата со грипот

23.01.2017 15:16

Враќањето на учениците во училишните клупи отвора можност за побрзо ширење на грипот. Надлежните велат- ја следиме состојбата. Важно е да се почитуваат препораките, да се одржува личната хигиена. Во изминатата недела биле регистрирани 5.500 заболени од грип.

Колективниот престој на учениците дава можност за побрзо ширење на вирозите и на инфекциите, а со тоа и повторно да се испразнат училишните клупи, но, надлежните велат ќе ја следат состојбата во наредниот период. Сѐ уште расте бројот на заболени во земјава, но со помал интензитет, изминатата недела беа регистрирани 5.500 грипосани.

„Денеска е прв ден од второто полугодие затоа важно е да се почитуваат препораките, да се одржува личната хигиена, останува следниот период да ги следиме бројките и состојбата каква ќе биде. Во однос на давање на услуга дежурните пунктови во викендите се пооптеретени што е и очекувано, бидејќи тогаш не работат матичните лекари“, изјави д-р Татјана Баевска Вучковиќ, директор на Здравствен дом - Скопје.

Според министерот за здравство Тодоров, годинава центрите за јавно здравје набавиле доволно вакцини против грип.

„Ова се вакцини кои што не се задолжителнин и се набавува бројка на вакцини за која се смета дека ќе има интерес од граѓаните. Во нашата програма имаме предвидено воведување на проект со кој ќе се овозможи бесплатна вакцинација од грип за постари лица од 60 години, но не се корисници на пензија“, изјави министерот за здравство, Никола Тодоров.

Многумина родители, поради ризикот од грип и од вирози во изминатиов период не ги носеа децата во градинките. Надлежните велат, градинките се дезинфицираат еднаш во неделата.

Годинава и вакцинирани лица заболеле од грип, причина е мутираниот вирус. Но, според лекарите, најважно е навреме да се побара лекарска помош, особено хронично болните и децата.

Во земјава поради компликации од грипот починаа две дечиња на возраст од 3 и 4 години. Вирусот им предизвикал воспаление на мозокот.

 

Андријана Атанасовска