Почна второто полугодие за основците и средношколците
Заврши продолжениот зимски распуст. Со почетокот на неделава, околу 270 илјади основци и средношколци се вратија во училишните клупи за второто полугодие. Дополнителните два дена, кои учениците ги добија по препорака од здравствените власти поради грипот, ќе се одработуваат за време на викенд. За една недела, пак, почнува екстерното за матурантите.

По тринеделниот распуст, детскиот Џагор се врати во училиштата. За речиси 270.000 основци и средношколци почна второто полугодие. Основците го дочекаа со песна и игра, а матурантите со книга в рака. Учениците од четврто три од скопското „Кирил и Методиј“ беа најрадосни. Најмалите на првиот час си раскажаа како го поминале зимскиот распуст.
Наставничката Марина вели дека второто полугодие носи нова енергија.
„Интересен е моментот бидејќи за неполн месец тие веќе се пораснати некој сантиметар повеќе, променети се и им годи зимскиот одмор очигледно. Денес имаме од сите сегменти поминати во првото полугодие да направиме една кратка игровна активност, во која тие ќе повторуваат, ќе играат и ќе се забавуваат“, вели Марина Василева, наставничка во ОУ „Кирил и Методиј“- Скопје.
Од училиштата велат дека е извршена дезинфекцијата која беше една од мерките што се спроведоа пред почетокот на второто полугодие. Од Министерството за образование информираат дека изгубените часови, учениците ќе ги одработуваат во март и април.
Продолжението на учебната година за матурантите донесе поголеми обврски. Во понеделник ги очекува екстерното тестирање. Три дена пред оценувањето, на влезните врати од училиштата ќе бидат објавени двата предмета што ќе ги полагаат. Јануарското тестирање почнува на 30- ти јануари, а ќе трае до 3-ти февруари.
Викторија Милевска
