Се подготвува нов закон за управување со отпад
Почиста животна средина и помалку отпад. Ова го предвидува новиот закон за управување со отпадот, што се подготвува во согласност со европските директиви. Ќе има промени и во однос на издавањето на дозволите, и во делот на условите кои треба да ги исполнат компаните што сакаат да се занимаваат со оваа дејност.
Ќе се менува законската регулатива, но и принципите при справувањето со проблемите поврзани со управувањето со отпадот. Целта е што помалку отпад да завршува на депониите, кои ќе мора да бидат регионални и изградени според сите европски стандарди, без да го загрозуваат нормалното живеење на населението.
„Цената што ја плаќаме како граѓани е премногу ниска за да може да издржи еден вакаов одржлив систем за управување со отпад. Овие цени,како што во моментов се плаќаат можеби за скопскиот регион би кажала дека тие се избалансирани, меѓутоа за останатите општини во Р.Македонија се плаќаат навистина минимални цени за управување со отпад, и она што се плаќа е да се покријат трошоците за гориво,вработените и ако остане за амортизација на возилата“, изјави Ана Каранфилова-Мазневска, раководител на Сектор за управување со отпад при Управата за животна средина.
Практично во моментов регулативата оневозможува осовременување на актуелните депонии,од кои освен Дрисла, сите се нелегални и во нив не може да се инвестира.
„Според постоечкиот закон не е возможно да се поддржи реконструкција или пак модернизација на постоечките депонии. Бидејќи новиот модел на функционирање на државно ниво предвидува регионални депонии. Сѐ до формирање на тие регионални депонии сите други депонии на ниво на општините се водат како диви“, вели Даниела Михајловска- Василевска, Стопанска комора на Македонија.
Засега отпадот само се собира, но не се работи на негова преработка. Хартијата, пластиката и металите се собираат за рециклирање, но не се третираат понатаму и најчесто се извезуваат,вели Мазневска. За изградба на две од планираните регионални депонии, работите добиваат во динамика,а ќе се градат со помош на ИПА фондовите. Локалните власти се борат да се градат на нивина територија, затоа што ќе овозможат нови вработувања и зголемени приходи во општинската каса. Експертите препорачуваат нови тарифници и цени кои ќе овозможат одржливо работење на модерните депонии, а се размислува и за модели кои би ги мотивирале граѓаните да создаваат помалку отпад, плаќајќи пониски цени.
Со помош на твиниг проект финаниски поддржан преку ЕУ, во период од 22 месеца, веќе почна подготвката на нов рамковен закон за управување со отпад, во согласност со најновите европски директиви.
Свето Николовски
