ПССЕ: Изборите- суштински чекор за решавање на политичката криза

23.01.2017 16:46

Декемвриските предвремени парламентарни избори беа суштински чекор за решавање на длабоката политичка криза во земјата- оценка на Парламентарното Собрание на Советот на Европа. Процесот на составување нова влада во Македонија се следи и во Стразбур.

Во Заклучоците на ПССЕ за предвремените парламентарни избори во Македонија, нема ништо ново што не и познато на македонската јавност, сепак известувачот, австрискиот пратеник Стефан Шенах нагласи:

„Има резултат кој беше признат од шесте партии и коалициите кои учествуваа во изборите. Тоа доведе до политички сеизам, важноста на албанскатата етничка политичка партија ДУИ беше поделена со два, освојувајќи самo десет мандати од кои два се слаби. Владината коалиција изгуби многу седишта, така ВМРО ДПНЕ и ДУИ сега имаат само еден глас повеќе“, изјави Шенах.

За Шенах, изборите беа суштински чекор во решавањето на длабока политичка криза која траеше две години во Македонија.

Во заклучоците кои тој ги претстави меѓу другото се оценува дека „Правната рамка генерално е погодна за спроведување на демократски избори“. Но сепак, некои препораки од ОБСЕ и Венецијанската комисија не беа следени или пак се нејасни или во конфликт со други закони. Кампањата беше слободна, но таа помина во клима на недоверба кон политичкиот етаблишмент и институциите. За транспарентноста на финансирањето на кампањата е направен напредок, а има забелешки за притисоко за вработените во државната администрација.

За ДИК оценката е дека таа појавила неефикасност во внатрешната организација а има забелешки за работата зад затворени врати, или пак за прифаќањето на канидатските листи и за жалбите, додека комисисите на пониско ниво работеле на професионален начин.

ПССЕ бара трајно решение за проверката и точноста на гласачките листи, со оглед дека има граѓани кои беа лишени од можноста да гласаат.

Кандидатите можат да водат кампања во јавните и приватните медиуми преку слободно и платено политичко рекламирање. Јавниот сервис во голема мера им обезбеди на кандидатите правична покриеност во вестите, додека некои од приватните медиуми покажаа пристрасност во корист на владејачката партија, вели ПССЕ.

Австрискиот парламентарец кој ја преводдеше дечегацијата на ПССЕ во Македонија за време на изборите, на крајот изрази и загриженост со оглед дека Македонија се уште нема влада по изборите.

„Сѐ досега не е создадена влада и тоа не загрижува, ние како Совет на Европа треба да го следиме тоа“, нагласи Шенах.

Парламентарното собрание и Венецијанската комисија ќе продолжи да работи заедно со властите на Република Македонија во областа на изборите и поопшто за зајакнување на демократските институции преку активностите за соработка, се вели во заклучоците за набљудувањето на предверемените парламентарни избори во Македонија.

Тони Гламчевски, постојан дописник од Стразбур за МРТ