Преговори за формирање Влада
Премиерот Емил Димитриев вели дека е логично новата Влада да ја формираат победниците на изборите. Од ВМРО-ДПМНЕ информираат дека разговорите со ДУИ продолжуваат. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, уверен дека тој ќе го составува кабинетот.

Истекува последната недела од уставниот рок за формирање Влада. Премиерот Димитриев не сака да шпекулира каков ќе биде исходот, освен што потврди дека највисоките партиски тела на ВМРО-ДПМНЕ го овластиле Груевски да ги води разговорите за составување нова Влада. Логично е вели, победниците на изборите да го сочинуваат парламентарното мнозинство.
„Очекувам да ја надминеме кризата. На никого не му е во прилог тензична состојба во која институциите се во грч, а граѓаните во неизвесност. Очекувам сето тоа да се релаксира со формирањето на новата влада бидејќи постојат многу потреби коишто треба да бидат реализирани за граѓаните, а кои се дел од програмата со која победивме како партија на изборите“, истакна премиерот Димитриев.
Лидерот на СДСМ засега не ги открива позициите во однос на последната средба со Ахмети и заедничката платформа на ДУИ, Беса и Алијанса за Албанците. Вели дека мандатот е во рацете на Груевски и тој треба да ги соопшти позициите, но тврди дека сепак СДСМ ќе формира Влада.
„Јас верувам дека согласно Устав и согласно закон ќе се тарат постапките. Време е оваа криза да заврши. Кризата ќе заврши преку формирање на влада, конституирање на парламентот, избор на претседател на парламентот и нормално институциите да продолжат со работа. Секако, јас како шеф на опозицијата верувам дека владата ќе биде предводена од СДСМ“, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Деновиве преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ на лидерско ниво продолжуваат, вели членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски. Партијата останува на востановените принципи за неменување на веќе договорениот мандат за СЈО и за промена на уставот за двојазичност на целата територија на државата.
ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го поддржуваат принципот, коалицијата да биде формирана врз основа на изборната волја на гласачите, додава Милошоски. Ова вели, може да биде корисно во заедничките разговори, кои не се лесни поради други спротивставени позиции. Тврди дека се уште не се разговара за персонални решенија, туку за концептуални прашања. Милошоски очекува деновиве да се отворат и тие прашања, доколку има договор за формирање парламентарно мнозинство.
Од ДУИ велат дека се прават внатрепартиски консултации, но и со меѓународните претставници во земјава и во странство. Претседателот на ДУИ, Али Ахмети досега одржа една средба со мандатарот Никола Груевски и една со лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Според Уставот, до 29-ти јануари, мандатарот треба на Собранието да му поднесе програма и да го предложи составот на Владата.
Милчо Велески
