Привршува откупот на тутун

24.01.2017 09:56

Привршува откупот на тутунот. До почетокот на неделава откупени се скоро 16.000 тони. Според проценките за оваа реколта остануваат да се докупат уште 2.000 до 3.000 тони. Договорените количества од „Струмица Табак“ кој не успеа да обезбеди финансиски средства, а со тоа и да врши откуп ги преземаат другите монополи.

Остануваат уште 2.000 до 3.000 тони тутун за откуп. Иако крајниот законски рок е до средината на март, откупот ќе заврши порано. Вредноста на досега откупениот суров тутун е скоро 50 милиони евра, а исплатени се 94 проценти од преземениот род.

Реколтата годинава е со висок квалитет, а просечната цена достигна 193 денари за килограм, велат тутунопроизводителите. Лани просечната цена за килограм изнесуваше изнесуваше 182 денари.

Количествата кои беа договорени со „Струмица Табак“ која не обезбеди финансиски средства и не доби лиценца за откуп, веќе ги преземаа другите монополи.

Проблем единствено настана за околу 300 тони тутун договорени количества со „Струмица Табак“ од типот Басмак за кој другите фирми немаат голем интерес да го купуваат по што беше понудена и пониска цена.

Методија Трајков