Трамп го укина трговскиот договор со Азија, ќе се фокусира на домашниот бизнис

24.01.2017 10:07

Американскиот претседател Доналд Трамп укина трговски договор со азиските држави и се сретна со бизнисмените и синдикатите за да разговара за отворање на нови работни места во Америка. Трамп најави намалување на даноците и регулативите за бизнис.

Американскиот претседател Доналд Трамп ги повика на средба директорите на најуспешните компании во Белата куќа за да ги чуе нивните ставови за водење бизнис. Трамп побара да останат во Америка и тука да отвораат нови работни места.

„Масовно ќе ги скратиме даноците и за средната класа и за компаниите. И тоа масовно, се обидуваме да ги намалиме на 15 до 20 проценти, а сега е 35 отсто. Би рекол дека реално е околу 38 проценти. Тоа е едната голема работа. Поголема работа е намалување на регулативите за 75 отсто“, изјави претседателот Доналд Трамп.

Трамп потпиша извршни наредби со кои се укинува трговскиот договор со азиските држави, се забранува вработување во федералните институции освен во воените сили и се забранува користење на федерални пари за абортус во странство. Трамп најави дека со Канада и со Мексико ќе преговара за измени во трговскиот договор НАФТА.

„Вакви мултинационални договори не се во наш најдобар интерес. Одиме кон договори што ќе ја зголеми конкурентноста на американскиот работник и производство. Оваа извршна наредба е почеток на нова ера на американската трговска политика. Администрацијата на Трамп ќе склучува билатерални договори со сојузниците во светот“, рече портпаролот на Белата куќа, Шон Спејсер.

Американскиот претседател се сретна со претставници на најголемите синдикати во Америка, за да ги чуе нивните ставови. Трамп најави дека ќе има средби со бизнисмените на секои три месеца.

Новиот американски претседател Доналд Трамп ќе се концентрира оваа недела на нови работни места и на националната безбедност.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ