Поларна зима царува во САД и Европа
Националната метеоролошка служба ја нарече „зима за помнење“, но многумина Американци би сакале да ја заборават...

Националната метеоролошка служба ја нарече „зима за помнење“, но многумина Американци би сакале да ја заборават. Новиот студен бран на североистокот на САД остави без струја 750 илјади луѓе во Пенсилванија – силниот ветар и мразот туркаа дрвја и далноводи. Во Њу Џерси и во Њујорк повторно вонредна состојба, а веќе се речиси исцрпени резервите сол за одмрзнување на патиштата.
„Автомобилите се лизгаат од патот. Имаат несоодветни гуми, па не можат ни да тргнат ни да застанат. Ќе се заглават, па ги извлекуваме со влечна служба“, раскажува полицаецот Џин Халенбек.
„Голем неред. Тешко е и да се вози и да се пешачи. Луѓето се лизгаат“, објаснува граѓанка на Њујорк.
Откажани се илјадници летови, што предизвика хаос за многу патници. Бизнис аналитичарите проценуваат дека зимата ги чинеше САД 10 милијарди долари – од поголеми сметки за греење до изгубена продуктивност поради прогласените неработни денови. Првиот квартал од годинава, студот ќе го намали економскиот раст во земјата за половина процент.
И метеоролозите во Словенија не гледаат крај на невремето со замрзнат дожд. И покрај напорите на 22 илјади пожарникари, повеќето волонтери, по новите прекини во снабдувањето, без струја и натаму се 35 илјади домаќинства.
„Има премалку пожарникари да ги расчистат патиштата. Немаме ни доволно секири. Благодарни сме за секоја помош што ја добиваме“, вели еден од пожарникарите.
Во борбата против невремето се вклучи и војската, а Словенија доби генератори за струја од земјите од Европската унија.
Ивана Салтировска
