Хан во ПССЕ: Набрзо очекуваме влада, за името е потребно парламентарно мнозинство

24.01.2017 12:57

Имаме напредок што се однесува до Македонија. Набрзо очекуваме влада, но членството во Унијата мора да се реши преку надминување на разликите со името. Ова пред Парламентарното Собрание на Советот на Европа во Стразбур го изјави еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан.

Европскиот комесар задолжен за европската соседска политика и за преговорите за проширување, Јоханес Хан во обраќањето до Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПССЕ) се осврна на два наврати на ситуацијата во Република Македонија и нејзините европски перспективи, во одговорите до парламентарците на 47 земји- членки на Советот на Европа.

Запрашан директно од британскиот пратеникот Марк Притчард, од редовите на групата на Европските конзервативци и реформатори за тоа дали може да даде прецизен датум за членството на нашата земја во ЕУ, Јоханес Хан одговори:

„Што се однеусва до ПЈРМ, ние напреднуваме со одлучност. Пред две години постигнавме договор со земјата кој има за цел да го поддржи процесот на реформи за да се приближи до ЕУ. Во рамките на тој процес, требаше да се одржат предвремени избори, тоа е направено во декември. Сега земјата треба да се стекне со влада. Се надевам дека ќе влезе во транзициска фаза која ќе ѝ дозволи да создаде влада која ќе може да се потпре врз едно парламентарно мнозинство. За да се напредне на патот за членство во ЕУ треба да се реши проблемот со името, за тоа ќе биде потребно парламентарно мнозинство. Кога одговорните политичари ќе размислуваат сериозно за европската иднина, тие тоа на повеќе пати го повторија пред мене и јавно. Се надевам дека во идните недели ќе успееме да забележиме напредок“, рече Хан.

Јоханес Хан пред ПССЕ на повеќе пати повтори дека за сите земји кандидати кои теженат да влезат во ЕУ потребно е почитување на нормите на Советот на Европа и пред сѐ на правната држава.

 

Тони Гламчевски, постојан дописник од Стразбур за МРТ