Извлечени се шест тела од хотелот во Абруцо

24.01.2017 13:09

Спасувачите извлекоа уште шест тела од хотелот кој беше затрупан од лавина во Абруцо. Екипите се мобилизирани и во јужна Италија поради невремето во кое загина едно лице. Прогласена е тревога од највисок степен, училиштата се затворени, а сообраќајот прекинат.

Шест тела се извлечени од урнатитните на хотелот „Ригопјано“ во централна Италија кој беше затрупан од лавина предизвикана од серија земјотреси. Засега се потврдени 12 смртни случаи, а 17 лица се водат за исчезнати.

„Полека се доближуваме до централниот дел на структурата на објектот. Паралелно се обидуваме да стигнеме до човекот кој го лоциравме пред неколку часа“, изјави Лука Кари, портпарол на противпожарната служба.

Италијанското правосудство ги анализира околностите на несреќата и почна истрага за убиство од немарност за да се утврди дали сите ризици биле земени предвид, вклучувајќи ја градежната процедура на објектот. Претходно на интернет се појави електронски допис во кој хотелската управа барала помош од властите само неколку часа пред трагедијата. Наведено е и дека гостите биле во паника откако ги почувствувале земјотресите.

„Информациите со кои располагаме покажаа дека  било издадено предупредување за лавина три-четири часа пред инцидентот. Службите секогаш навремено праќаат вакви извештаи до институциите“, изјави Кристина Тедескини, обвинител.

Лавината со тежина од 120.000 тони го затрупа хотелот со брзина од 100 километри на час.

Спасувачките екипи се мобилизирани и во јужниот дел на Италија. Во поплавите во Палермо загина 67-годишен маж откако водата го повлекла неговиот автомобил. Метеоролозите прогласија црвен степен на тревога поради засилените бури, ветриштата и високите бранови. Властите апелираа до граѓаните да не излегуваат од дома ако не им е неопходно. Училиштата се затворени во неколку подрачја, а реките се излеани од коритата. Сообраќајот е во прекин поради лизгање на земјиштето.

 

Маја Филдишев