„Тарифа“ и „Тенк“- нови случаи на СЈО
„Тарифа“ и „Тенк“- нови случаи што ги отвори Специјалното јавно обвинителство. Опфатени сe 7 лица под сомнение за сторено кривично дело, злоупотреба на службената положба. Првата истражна постапка е за тендер на ЕЛЕМ, а другата за набавката на мерцедесот на екс-премиерот Груевски.

„Тарифа “ и „Тенк“ се двата нови случаја што ги отвори Специјалното јавно обвинителство. Со истрагата за „Тарифа“ се опфатени 7-мина под сомнение за сторено кривично дело- злоупотреба на службената положба во постапка за тендер на ЕЛЕМ. Според Специјалното обвинителство, одговорни за јавна набавка на софтвер, му овозможиле на конзорциум да влезе во втора фаза, а потоа и да го добие тендерот иако ја немал целосната документација. Вредноста на склучениот договор е нешто повеќе од 4 милиони евра.
„Постои основано сомнение дека дел од осомничените лица неосновано одобриле исплати на парични средства на име лиценци за одржување на софтверот, спротивно на посебните услови од договорот на јавна набавка, каде е предвидено дека плаќањето на име лиценци за одржување на софтверот ќе се изврши во гарантен и постгарантен период, а кој период никогаш не започнал да тече, бидејќи системот не бил имплементиран, со што причиниле штета во износ од 456.560 евра“- се вели во соопштението до јавноста.
Во случајот „Тенк“ се опфатени двајца под сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување во периодот од февруари до крајот на октомври 2012-та година. Како што стои во дописот од СЈО, првоосомничената го поттикнала второосомничениот, незаконски да фаворизира определен економски оператор за набавка на возило.
„Постои основано сомнение дека со цел да ја исполнат желбата на тогашниот премиер за набавка на специјален тип на патничко моторно возило, првоосомничената го поттикнала второосомничениот да ја искористи својата службена положба и овластувања и при вршење на јавни набавки, незаконски да повласти- фаворизира определен економскиот оператор и да се набави возило од тој тип“- стои во дописот од СЈО.
Информираат дека бил склучен договор за јавна набавка на возилото во износ од речиси 30 милиони денари.
Со двата нови, бројот на случаи што ги отвори Специјалното обвинителство е 11.
Наташа Гркова- Петрушевска
