Нов студен бран од сабота
И покрај јануарскиот студ, снегот е богатство. Добредојден е за подобрување на хидролошката состојба. Нов студен бран во земјава од сабота.

Денеска снег и дожд, викендов температури и до -16 степени. Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи нов студен бран ќе ја зафати Македонија. Врнежите од снег ќе бидат умерени и ќе донесат нова снежна покривка од 5 до 10 сантиметри во западните и јужните делови. Во сабота температури длабоко под нулата. Од понеделник нешто повисоки.
„Утре попладне очекуваме постепено намалување на облачноста, што пак ќе придонесе повторно да имаме доста ниски утрински температури, особено во петок и во сабота. Во сабота тие очекуваме да се движат од -16 до -7 степени. Дневните температури нема да забележат позначителна промена, ќе имаат благ пораст почнувајќи од викендот“, изјави Ивана Петровиќ, дежурен синоптичар во УХМР.
Поради ниските температури кои ќе продолжат и во следниот период не се очекува нагло топење на снегот и можност од излевање на реките. Новите врнежи од снег се добредојдени и ќе ја подобрат хидролошката состојба. Водостоите се под просекот и со текот на покачувањето на температурите ќе растат, велат хидролозите. Единствено треба да се внимава на езерата каде што може да дојде до излевање на водата.
„Нивоата се реалтивно ниски, под просечни и сите понатамошни врнежи кои се очекуваат, не би требало да бидат поголеми, не би требало да ги покачат водостоите на водотеците. Единствено кај езерата се забележува покачување на водостојот, особено на Дојранското каде има вештачки прилив“, изјави Васко Стоев, раководител на Хидрологија.
Од Министерството за земјоделство велат дека будно ја следат состојбата. Редовно се чистат речните корита и каналската мрежа. Се прават анализи и во делот со менаџирањето со акумулациите.
Викторија Милевска
