Обнова на социјалната помош до петок

24.01.2017 16:12

В петок истекува рокот за обнова на документацијата за остварување на правата за социјална заштита. Пријавите можат да се поднесат во најблиските центри. Во тек е и обновата на документацијата за детските права.

До петок корисниците на социјална парична помош треба да ја обноват документацијата. Досега се пријавиле околу 22 илјади граѓани. Изминатата година биле регистрирани 27 илјади корисници на права од социјална заштита.

Корисниците на социјалната парична помош со себе треба да носат само лична карта и да дадат изјава за согласност за користење на нивните лични податоци во постапката. Другите документи институциите ќе ги прибават по службена должност.

Во тек е и обновата на документацијата за детските права, односно посебниот додаток за дете, детски додаток и родителски додаток за трето и четврто дете. Обновата ќе трае до 31-ви март годинава.

Лани право на родителски додаток за трето дете оствариле околу 23 илјади  корисници, а за четврто 814.

Ресорниот министер објасни и за договорот што е потпишан со Комората на извршители. Пред да направат блокирање на сметка, извршителите треба да побараат од Центрите за социјална заштита дали лицето е корисник на некое право од социјалната или детската заштита. Во тој случај, извршителите не смеат да ги блокираат средствата.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска