Дијалог на социјалните партнери за побезбедни работни места

25.01.2017 12:22

Еден работник неделно гине на работно место, посочуваат од македонското Здружение за заштита при работа. Во 2015-та 144 несреќи, 39 со фатални последици. На заедничка маса социјалните партнери дебатираат за изнаоѓање решенија и како во целост да се применува законот за безбедност при работа.

Извештаите за несреќи при работа го вклучија алармот за подигање на културата и свеста кај работодавците. Еден работник неделно гине на работно место, посочуваат од македонското Здружение за заштита при работа. Во 2015-та 144 несреќи, 39 со фатални последици. На заедничка маса социјалните партнери дебатираат за изнаоѓање решенија и како во целост да се применува законот за  безбедност при работа.

Претседателот на Македонското здружение за заштита при работа Милан Петковски смета дека најважно е да се изгради култура на превентивно делување, односно да се сфати дека здрав работник е бенефит за секоја компанија.

Според претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, важно е да се зголеми улогата на лицата задолжени за безбедноста и здравјето при работа во самите компании бидејќи тие се непосредно запознаени со сите ризици за настанување на несреќите на работното место.

И за претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Живко Митревски важно е заедничкото делување на социјалните партнери за да се обезбедат работни места сигурни за работниците и да се намали бројот на несреќи на работното место.

Социјалните партнери сметаат дека се решливи сите проблеми со малку средства, само недостига волја за спроведување на законот.  Со негова примена, македонскиот работник ќе биде поздрав и попродуктивен на своето работно место, велат од македонското Здружение за заштита при работа.